Османи со поддршка до Захариева: Ги осудуваме малигните активности на територија на Бугарија
Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, напиша денеска на твитер министерот за надворешнни работи Бујар Османи. Вчера бугарската министерка Екатерина Захариева прва објави дека има информации за лица кои издавале државни тајни за Руската федерација. Османи токму нејзе и изрази поддршка. Во шпионската афера е вклучена шестчлена група во која има и високи функционери во Министерството за одбрана со кое раководи Красимир Каракачанов.
„Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, нашиот сосед и сојузник во НАТО. Република Северна Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија“, напиша на Твитер, Османи.
Портпаролката на главниот обвинител, Сијка Милева, вчера на вонредниот брифинг објави дека се уапсени шест лица, меѓу кои има вработени во Министерството за одбрана, а шеф на групата бил поранешен висок функционер на Воената разузнавачка служба со кодно име „Резидент“, кој завршил воено образование во Бугарија и странство, како и разузнавачко училиште во Москва, познато како ГРУ.
