Османи: Сега имаме енергија и време за спорот со името
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска посочи дека Владата е подготвена да се фокусира на спорот за името.
– Ова прашање веќе станува приоритет на Владата. Ние завршивме две крупни прашања – прашањето на јазикот и на договорот со Бугарија. Сега имаме енергија да се фокусираме на прашањето на името. Очекуваме на тој пат да имаме што повеќе пријатели и затоа е целата активност на оваа Влада во комуникација со сите држави, но и со нашиот јужен сосед и со останатите соседи. Да ја искористиме оваа позитивна клима која што ја има во државата, во регионот, во Брисел, во земјите членки на ЕУ, да ги затвориме прашањата и да направиме суштинско прекршување во правец на евроинтеграциите, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање пред денешната средба со амбасадорите на земјите од Западен Балкан.
Имајќи го предвид претседавањето на Бугарија со ЕУ кое почнува на 1 јануари, тој нагласи дека на средбите со бугарската министерка за надворешни работи веќе е разговарано за тоа Софија да организира состанок со земјите пријатели на Македонија и на амбасадорите во ЕУ каде земјата би ги претставила своите планови за реформи.
– Многу е важно сите три земји кои ќе претседаваат со ЕУ во наредните три циклуси, почнувајќи од Бугарија, Австрија и Романија, имаат интереси во регионот и сакаат тој да не остане „црна дупка“ во ЕУ и НАТО и ќе го подигнат високо на агендата на нивното претседавање. За нас е многу важно да го искористиме тој момент кога фокусот на ЕУ ќе биде вратен и да испорачаме. Ако ние испорачаме се разбира дека и ЕУ ќе испорача, рече Османи.
Тој нагласи дека и неговите посети денеска на Берлин и месецов на Атина, како и најавената посета на шефот на грчката дипломатија Коѕијас на Македонија на крајот на месецов, се во тој правец.
