Економија, финансии, бизнис

Контакт

Oсмани се извини, но дали ќе тужи?

Oсмани се извини, но дали ќе тужи?

Стигна извинување од вицепремиерот за европски прашања и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, поради изјавата дадена вчера дека ќе тужи за обвинувањата поврзани со скандалот со пензиите. 

Тој потенцира дека медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат и дека не ги сметаат таквите прилози за злонамерни, па поголемиот дел од медиумите нема потреба да ѝ се извинуваат на ДУИ ниту пак, партијата има потреба да поднесе тужби.

„Заштитата на јавниот простор и слободата на јавното информирање, претставуваат наша обврска не само како политичари чија централна позиција претставува европска Македонија, туку и лично како луѓе чии вредносен систем е изграден на основа на западните правила и норми. Но, заштитата на јавниот простор не може да се обезбеди преку заштита на намерните шпекулации и манипулации, преку заштита на лагата и лажните вести, преку заштита на оние чија цел е неправедна дискриминација, нанесување неоснована штета итн. Медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат, и тоа никогаш не претставувало проблем, ниту таквите прилози ги сметаме за злонамерни и, поради тоа, поголемиот дел од медиумите немаат потреба ниту да се извинуваат, ниту имаме намера да поднесеме тужби. Ако мојата изјава, која секако ја дадов како портпарол на партијата ДУИ, некои од овие медиуми ја сфатиле како закана, дозволете јавно да се извинам и да се обврзам во моите наредни изјави да бидам попрецизен“, стои во изјавата. 

Сепак вели дека  постојат политичари, претставници на мали партии, кои изразија директно обвинување за криминал и кражба, без притоа да имаат ниту тронка основа за сомнеж за ваквото тврдење. 

„Тоа е неприфатливо, и затоа апелирам да ја сфатат грешката, да прифатат дека згрешиле или избрзале, нешто што веднаш ќе го прифатиме и ќе го поздравиме. Во спротивно, навистина ќе бидеме приморани и ќе поднесеме тужба за тенденциозно изнесените невистини. Слична порака сакам да упатам и до оние медиуми и портали – познати претставници на лажните вести, кои не пропуштија да се скандализираат со овој случај, и тие да шират директни обвинувања, намерни лаги и да креираат целосни лажни вести без никаква основа. Наша цел е да го заштитиме јавниот простор, оставајќи им можност да ги демантираат невистините, да се извинат, во спротивно некои од медиумите ќе мора исто така своите тврдења да ги докажат на суд“, пишува Османи.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) порача дека министрите треба да се воздржат од такви настапи кои може да се сфатат како закани или етикетирање на медиумите.

„ЗНМ смета дека јавните функционери, особено министрите, треба да се воздржат од изјави кои што на кој било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите. Приниципиелно, таков начин на комуникација не може да влијае на професионализацијата на медиумите. Вицепремиерот Бујар Османи говорејќи за скандалот во ПИОМ се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов Вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат“, порача од Здружението на новинарите. 

Според ЗНМ, евентуалните недоразбирања треба да се решаваат по пат на транспарентност и отвореност, а не со закани за тужење.

Според новинарскиот еснаф, и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски се огрешува кон медиумите и новинарите, етикетирајќи медиумски куќи.

Деновиве скандал го тресе ПИОМ. Парите од придонесите со години не биле префрлани во вториот столб. Ова го обелодени министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Слично

Поврзани вести