Османи предупредува дека ако нема датум за преговори има многу ризици
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на традиционалниот „Појадок со ЕУ“ по повод Денот на Европа изјави дека ако Македонија да не добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ ризиците се многу.
Според него, земјите членки треба да го имаат предвид тоа кога ќе решаваат за иднината на земјата.
Османи рече дека ризиците се однесуваат на иселување на младите, зголемување на евроскептицизмот, поделеност на населението по сите основи со што ќе се остави простор за ризик од тероризам, екстремизам и национализам. Османи порача дека не смее да се загуби историскиот момент кој сега го има Македонија, при што 2018 година е клучна за земјата.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека земјата за една година успеала да постигне импресивни резултати во однос на реформите, но останува на Советот на ЕУ да ја донесе одлуката за датум за пристапни преговори.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Иван Петков во својство на претставник на земјата актуелен претседавач со Унијата, изрази надеж дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите.
