Османи по средбата со Дендијас: Нема ентузијазам кај локалните власти во Грција за сообраќајните знаци
Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендијас во Скопје рече дека меѓудругото се разговарало и за имплементацијата на Преспанскиот договор во рамки на сообраќајните знаци во Грција, на кои е предвидено да се најде новото уставно име на земјата, но шефот на македонската дипломатија вели дека засега локалните власти таму не се расположени за тоа.
- Објаснувањето реално е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мислам дека во наредниот период ќе има решение, рече Османи на прес-конференцијата.
Тој додаде дека останува силната верба во Преспанскиот договор и во стратешкото партнерство што произлегува од истиот. Османи подвлече дека по оваа средба, односите со Грција ќе бидат уште посилни.
На состанокот станало збор и за нрз меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.
Дендијас не присуствуваше на прес-конференцијата во делот на поставувањето на новинарски прашања.
