Економија, финансии, бизнис

Контакт

Османи од Брисел: Загрозен Охридскиот договор, потребни храбри одлуки за ЕУ интеграција

Османи од Брисел: Загрозен Охридскиот договор, потребни храбри одлуки за ЕУ интеграција

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, остварува дводневна работна посета на Брисел, каде има средби со високи претставници на европските институции и Европскиот парламент.

Во рамки на првиот ден, Османи се сретна со директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Емануел Жиофре, директорката за Западен Балкан во Европската комисија, Валентина Суперти, како и со европратениците Лукас Мандл и Илхан Кјучјук.

Вториот ден од посетата продолжи со средби со претставници од кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и со европратениците Владимир Пребилич, Тис Ројтен и Матијаж Немец.

Во разговорите, како што соопштуваат од ДУИ, во фокус биле состојбите во земјата, при што Османи изразил сериозна загриженост за, како што наведува, „рушењето на Охридскиот мировен договор како столб на соживот и меѓуетничката стабилност“.

Тој алармирал дека, според него, постои организиран план за поништување на договорот, што создава правен и политички вакуум и носи ризик од непредвидливи последици.

Османи на средбите ја истакнал и потребата од деблокада на процесот на европска интеграција, нагласувајќи дека земјата не смее да го пропушти актуелниот моментум на проширување, особено во услови кога, како што посочил, Црна Гора и Албанија бележат напредок.

Според него, напредокот кон Европската унија бара храбри одлуки во земјата, но и јасна и континуирана поддршка од европските партнери.


Слично

Поврзани вести