Османи на средбата со грчкиот амбасадор со порака Македонија повеќе да не чека пред вратите на ЕУ
Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања на средбата со грчкиот амбасадор Димитриос Јанакакис порачал дека евроинтеграциите на Македонија повеќе не треба да се одложуваат бидејќи досегашните блокади ја повлекле земјата назад и ја однеле во длабока политичка и институционална криза, поради што, повеќе не смее да се прават грешки.
Преставувајќи го Планот 3-6-9 за итни реформски приоритети Османи ги пренел очекувањата на Владата за отстранување на условеноста и за добивање на чиста препорака од страна на Европската комисија.
Вицепремиерот Османи нагласил дека оваа Влада покажува и ќе докаже дека сака да ја врати земјата таму каде што припаѓа, во Евроатлантското семејство.
„Ние мора да го искористиме овој прозорец на можности што сега ни се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам, како во земјата, така и во земјите-членки на Европската Унија. За нас нема друга алтернатива освен членството во Европска унија, поради што е важна вашата поддршка, како сосед, пријател и партнер, за евроинтегративните процеси на нашата земја“- рече Османи.
Во натамошниот разговор вицепремиерот Османи истакнал дека промовирањето на односите и соработката со соседните земји, како и зајакнувањето на регионалната соработка, остануваат висок приоритет на Владата. Тој посочил дека мерките за градење на доверба меѓу двете земји се значајни чекори кон промовирање на добрососедските односи и продлабочување на билатералната соработка, и изразил подготвеност за нивно натамошно зајакнување и за активно учество во сите релевантни иницијативи.
Тој додал исто така дека соработката меѓу двете земји била од суштинско значење за запирање на миграциските текови кон остатокот од ЕУ и уште еден доказ дека кога работиме заедно, резултатите се евидентни.
