Османи: Kонсултациите минуваат во позитивна атмосфера, МНР ќе предложи Владата да го прифати предлогот
Mинистерството за надворешни работи (МНР) ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија.
Бројните денешни консултации, според министерот за надворешни работи, Бујар Османи минуваат во позитивна атмосфера, во кој, како што посочува, францускиот предлог детално се анализира.
„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка; протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка; oдобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш!“, пишува Османи на неговиот Фејсбук-профил.
Процесот на консултации меѓу Владата и другите институции, заинтересирани групи и целокупната јавност продолжува, по што Владата ќе ја донесе конечната одлука.
Но, ВМРО-ДПМНЕ и Левица мислат поинаку. Тие се против модифицираниот француски предлог и повикаа на протест.