Османи: Кога мислев на документ, мислев на португалскиот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи и натаму тврди дека не постои никаков документ од македонската страна кој што е предложен во Софија како решение за надминување на спорот и деблокада.
– Јас сум во комуникација со министерката, а денеска имавме можност да разговараме и со премиерот. Тоа што зборувам јас за документ, всушност е за португалскиот кој што се уште е основа за постигнување на договор што е претставен во различни форми, нон пејпери, текстови, разменети идеи во текот на овој период, меѓутоа сметам дека тој предлог останува во сржта на наоѓање на решение што е прифатливо за двете страни, рече Османи денеска во Битола каде што го пречека бугарскиот премиер Кирил Петков.
Според Османи, коментарот вчера на бугарското МНР се однесувал на одговорите на т.н. пакет 5+1 којшто уште во Рига минатата година беа предадени, односно, како што вели, претставени па после тоа во февруари имаше нивни коментари по однос на овој текст.
– Меѓутоа, тие прашања се помалку важни. Битно е да продолжи комуникацијата. Очигледно, како што реков, и во Бугарија ова доста предизвикува различни ставови па и во рамки на коалицијата. Нашите позиции се јасни. Ние се движиме во рамки на позициите кои што ги имаме во Парламентот. Сметаме дека предлогот на меѓународната заедница е единствениот официјален предлог на ЕУ претставен преку тогаш португалското претседателство што беше преземено потоа од словенечкото претседателство и понатаму останува тој документ – португалскиот предлог што ние сме го прифатиле и сметаме дека треба да биде основа за решение, рече Османи.
