Oсмани кажа од кого зависи кога ќе започнеме преговори со ЕУ
Почетокот на преговорите зависи само од нас, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешниот 41. по ред состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ). Тој вели дека веќе немаме пречки на патот на нашето европско интегрирање.
„Штотуку се вратив од две многу важни посети, на земјата претседавач – Романија, како и Финска која по Романија ќе претседава со Европската Унија. И не само таму, туку и на сите останати средби и разговори, пораката која ја добивам е јасна – веќе немаме пречки на патот на нашето европско интегрирање и почетокот на преговорите зависи само од нас“, рече Османи.
Тој вели дека токму овој Работен Комитет ја претставува сржта на раководната структура која треба да ги испорача предвидените реформи во следните два месеци.
На состанокот, е направен пресек на клучните индикатори по кои се следи напредокот во процесот на европската интеграција на нашата земја. Беа разгледани и статусот на реализацијата на НПАА 2019-2020, статусот на спроведувањео на ИПА, како и статусот на реализација на обврските од оценските мисии.
Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.
