Османи: Имам чувство дека овој ден ќе биде историски
Бујар Османи, вицепремиерот за евроинтеграции, на својот профил на Фејсбук објави дека очекува позитивен извештај попладне од Европската комисија за отпочнување на преговорите со Македонија
„Во 14:00 часот Кабинетот на комесарот на ЕУ во Брисел го одобрува извештајот кој ќе ја цени нашата работа за исполнување на европските стандарди!Имам чувство дека овој ден ќе биде историски!“, напиша Османи.
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, денеска во Европскиот парламент и во ЕК ќе ги презентираат најновите стратегии за проширувањето на ЕУ. Нашата држава очекува повторно да добие зелено светло од Комисијата за датум за почеток на преговори со ЕУ, датум кој потоа треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ. Извештаи ќе бидат објавени и за сите други земји во регионот. Конечната верзија на овие клучни документи се финализираше до доцна синоќа во просториите на Европската ломисија, но Северна Македонија се очекува во секој случај да добие позитивни оценки за реформскиот напредок во мнозинството области, вклучувајќи ги и критичните реформи кои треба да го отворат патот за преговори за членство: судството, јавната администрација, разузнавачките служби и борбата против корупцијата.
