ОСЛОБОДЕНА ОД ОБВИНЕНИЕ - Пале се обидела да го спаси насилникот, му ставила перница под главата и крпа како што и кажала Брзата помош
Велешанката Пале Иловска доби ослободителна пресуда од Судот во Велес.
Таа убиството врз својот невенчан сопруг го сторила во нужна одбрана, кажа судијката во образложенињето на ослободителната судска пресуда.
Нејзиниот невенчан сопруг, односно убиениот, бил во надмоќна позиција над неа, така што нејзиното дејствие било сразмерно и пропорционално.
Од вештото лице било утврдено дека од неговиот првичен напад врз Пале, до нејзината реакција, немало прекин и тоа траело во континуитет, што го уверува судот дека во случајот со Пале со работело за нужна одбрана.
„Таа немала намереа да го лиши од живот, бидејќи и веднаш откако се случило дејствието таа викнала брза помош и се обидела да го спаси убиениот. Таа побарала совет од Брзата помош телефонски како да го спаси, при што тие и кажале да му стави перница под главата и со крпа да му го стопира крварењето и да го заврти. Таа тоа го кажала и во својот исказ во судот, и судот дава верба на нејзиниот исказ, бидејќи нејзиното дејствување се поклопува со она што и го кажале од Брзата помош, односно кога дошле службени лица тие ја забележале перницата под неговата глава од левата страна и крпата која била натопена со крв, а со телото било манупулирано, што говори за обидот на Пале да го спаси“, рече судијката.
Имајќи ја предвид одредбата од член 9 став 1 од Кривичниот законик, Судот Пале ја ослободува од обвинение.
„Судот го ценеше членот 2 од Европската конвенција за човекови права, која го гарантира правото на живот, но се смета за повредно од ова и правото на нужна одбрана. Всушност, сето ова досега изречено е накратко образложението на одлуката на судот да донесе ослободителна пресуда“, објасни судијката.
Со оглед што Пале Иловска доби ослободителна пресуда, во тој случај се укинува мерката куќен притвор, и Пале ќе биде ослободена од куќниот притвор во кој сега се наоѓа.
Оштетената страна има право на жалба на оваа судска одлука, но тоа не го сопира правото на ослободување од куќниот притвор.
Н.Н.Ф.
