Осквернавен гробот на 17-годишна загината кумановка во сообраќајна несреќа- чие семејство со билборд бараше спас од пијани возачи
Кумановската полиција во соработка со обвинителството вчера на државниот празник имала морбидна задача да изврши увид на прекопан гроб во кумановските гробишта. Според извор од истрагата станува збор за вечно почивалиште на девојка која на 17-годишна возраст загинала во сообраќајна несреќа во јануари 2020-тата година во скопски Илинден, јави Телма.
Гробното место било ископано целосно и многу длабоко, ни потврдија извори од истрагата. Од полицијата само кратко одговорија.
-На 11.10.2021 година во 12.09 часот во СВР Куманово С.П. од Куманово пријавила дека на градските гробишта во Куманово било извршено сквернавење на гроб.Се преземаат мерки за расчистување на случајот, ни одговорија од МВР.
Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови.
