ОШТЕТЕНА РЕСЕНЧАНКА: Жена ја убедила дека банкнотите од еврата и доларите треба да ги даде на неа да ги замени оти се стари
Жена од Ресен е жртва на измама.
Станува збор за измама со кражба на повеќе од 2,6 милиони денари. Случајот го пријавила 64-годишна жителка на Ресен. Женско лице ѝ кажало дека треба да ги смени еврата и австралиските долари што ги имала, бидејќи имало нови банкноти и старите немало да важат. Пријавеното лице ѝ рекло на оштетената дека месечно ќе ѝ исплати дел од парите што требало да се променат.
„На 21.08.2023 во 10.40 часот во Полициската станица Ресен, М.М.(64) од Ресен пријавила дека била измамена од женско лице за сума од 2.622.200,00 денари. Според пријавеното, пред околу една година, пријавената и рекла на М.М. дека треба да ги смени еврата и австралиските долари бидејќи имало нови банкноти и старите немало да важат. Како што е пријавено, М.М. ѝ дала 21.900 евра и 17.900 австралиски долари, а таа ѝ ветила дека месечно ќе исплаќа дел од парите“, соопшти полицијата.
Жената пријавила дека пред околу еден месец пријавената повторно и се јавила и ѝ кажала дека треба да ги размени и швајцарските франци, а откако ги дала парите таа ѝ кажала дека ќе ѝ ги размени за неколку дена, бидејќи моментално немала доволно кај неа. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
