Оружје од Косово е најдено на локации во Сингелиќ и Брест, уапсени се 12 луѓе
Oбвинителството отвори истрага против 12 лица за трговија со оружје и дрога.
По неколкумесечна предистражна постапка, денеска во раните утрински часови, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведоа претреси на повеќе локации на подрачјето на селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир. Во акцијата се уапсени 12 лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се сомничи за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
„Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против сите 12 лица. Постои основано сомнение дека во периодот од април 2025 година до декември 2025 година тие создале и станале припадници на злосторничко здружение организирано за вршење кривични дела казниви со затворска казна од најмалку три години. Првоосомничениот, од засега непознати лица од Република Косово, неовластено набавувал огнено оружје и муниција со цел понатамошна продажба, по што нелегално ги пренесувал на територијата на Република Северна Македонија“, велат од ОЈО.
Оружјето и муницијата биле неовластено складирани на безбедни локации во селата Сингелиќ и Брест.
