Организаторите на фестивалите си ги бараат парите, Агенцијата за филм вели дека нема услови за тоа
Додека организаторите на македонските филмски фестивали шест месеци ги чекаат парите од одобрената финансиска поддршка од страна на Агенцијата за филм, но од таму велат дека нема услови за тоа поради настанатата ситуација со епидемијата.
Повеќето домашни филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер сеуште се наоѓаат во незавидна позиција и е неизвесно нивното одржување годинава во кое потписници се Синедејс, Македокс, Џифони Македонија, ОДА, Ехо, Киненова, Филозофски Филмски Фестивал, Флипбук, Кратово 2020, Галичник Филм Фестивал, Астерфест и ЕТНОФФ.
„Повеќето филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер и по шест месеци од доделената поддршка на конкурсот од Агенцијата за филм, немаат потпишано договори, ниту пак добиено финансиски средства за нивно одржување. Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка замо за неколку фестивали и манифестации, додека останатите фестивали немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава.
Со оглед на тоа што повеќето домашни филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер, поддржани од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2020 г. (Одлука на УО од 20.02.2020 г.), и после шест месеци немаат потпишано договори, дури и по повторното доставување адаптирани програми и буџети согласно новонастанатата ситуација со ковид кризата по барање на Агенцијата испратени до фестивалите на 7 мај и 10 јуни, здружените македонски филмски фестивали, во долунаведениот состав, и се обраќаат на македонската јавност во врска со неизвесноста за добивање на одобрената финансиска поддршка. Од Агенцијата за филм како одговорна институција на повеќето дописи од страна на фестивалите нема официјален одговор, ниту став или стратегија за културната политика со фестивалите кои се ставени во неизвесност, иако датумите за одржување на голем број и од есенските фестивали се многу блиску“, се вели во дел од реакцијата на застапниците на фестивалите.
Организаторите велат дека се во сериозна подготовка за реализација на своите програми и дека смислуваат различни начини како да ги реализираат, а од Агенцијата за филм одговараат дека се прават максимални напори да се сочуваат Фестивалите во рамките на новонастанатите услови со пандемијата
„Агенцијата за филм секогаш на барања на било кои соработници дава информации во доменот на надлежностите кои ги има, во конкретниот случај на сите фестивали / организатори се давани информации врз основа на она што во моментот се поседува како податок и транспарентноста е секогаш на прво место.
Треба да се има предвид дека оваа состојба не затече сите нас и дека многу од работите се одлучуваат во од, првенствено поради неизвесноста која се создава од надворешни фактори. Токму ова беше посочено на организаторите на фестивалите во повеќе наврати и самите тие потребно е да бидат свесни дека доколку не се створат услови некогаш можеби е подобро и да се откажат од своите проекти поради настанатата состојба, тоа не значи дека наредна година нема да добијат поддршка и сл. , но сите треба да сме одговорни и искрени најпрво пред себе дека јавните средства секогаш треба да се користат наменски, одговорно и квалитетно.
Целта на Агенцијата за филм е да се одржат сите фестивали, но не под квалитетот кој го носи оваа задача. Приложувањето на програма во која нема конкретни цели, мисија и замисла не може да биде предмет на доделување / исплаќање на јавни средства“, велат од Агенцијата.
