Ореовец ќе се радикализира од понеделник против минирањето на „Бехтел и Енка“
Жителите на прилепски Ореовец, кои веќе една недела го блокираат приодот кон своето село, каде конзорциумот „Бехтел и Енка“ подготвува терен за експлоатација на мермер, најавија дека од понеделник ќе ги радикализираат протестите и ќе го блокираат регионалниот пат Прилеп – Скопје.
Тврдат дека минирањата и експлоатацијата на каменот ќе ги загрозат неколкуте извори на вода за пиење, а на некои објекти во селото, приватни домови, како и селската црква, веќе се појавиле пукнатини и оштетувања по извршените минирања.
Локалните жители поддршка имаат и од партијата Левица , која за црвката,,Св. Димитрија", која е гробиштен храм изграден во 1874 година, велат дека претрпела значителни штети, по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум ,,Бехтел и Енка”.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години - дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење“, предупредуваат од таму.
Покрај штетата на Црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување.
Слично
