ОРЦЕ НИНЕСКИ, ЛИКОВЕН УМЕТНИК: Денешната изложба е синтеза од сѐ она што досега сум го работел
Во Културно Информативниот Центар – Скопје, во салонот Империјал 1, денеска, на денот на ослободувањето на градот, 13 Ноември, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Орце Нинески. Отварањето на изложбата е планирано за 20 часот, а на неа, преку 20-тина платна со различен формат, ќе бидат презентирани актуелните преокупации на авторот.
Порталот Република направи интервју со Нинески, а дел премесуваме во продолжение.
Во КИЦ-Скопје вечерва се отвора Ваша самостојна изложба насловена „Табли“. Што донесува Вашето најново творештво?
Нинески: Сметам дека оваа изложба претставува синтеза од се она што досега сум го работел, со акцент ставен на циклусот „Табли“ и варијации конкретно произлезени од него. Ќе бидат изложени 20-тина апстрактни дела чие далечно потекло води кон некои мои лични и директни искуства со нашето културно наследство, пред се ѕидното сликарство и иконите. Тука е направен обид индиректно да се преточи надреалната атмосфера креирана во депоата на музеите или пак конзерваторските работилници, со целосна почит кон нашите ремек дела од минатото, т.е. да ги преведам и претставам во една поинаква природа.
Што е за Вас најголем предизвик при создавање на едно дело?
Најголем предизвик при создавање на едно дело претпоставувам дека би бил самиот процес т.е самото сликање да го направам што поинтересно и што поблиску да дојдам до замислената слика. Да се приближам колку можам повеќе до универзалната убавина и строгост на уметноста од минатото и да ја претставам во една лична надреално-апстрактна композиција. Мора да споменам дека како историчар на уметност, сакал или нејќел, уметноста од сите периоди пред се византиската, врз мене извршиле големо влијание и сето тоа свесно и намерно се трудам да биде и видливо и истовремено доволно прикриено.
Извор и целото интервју на: Република
