Орце Ѓорѓиевски денес со нова изјава, не знае кога ќе проработи жичницата на Водно
Не се знае кога ќе биде отворена скопската жичница, откако градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес рече дека тоа ќе биде на неодредено време.
Иако од Град Скопје првично информираа дека жичницата цело лето нема да работи, по денешната изјава на градоначалникот Ѓорѓиевски, сè поизвесно е дека нема точен датум кога би била повторно ставена во функција.
Ѓорѓиевски не сакаше да шпекулира со информации, само рече дека нема да работи сè додека не се потврди дека е безбедна за користење.
„Жичарницата ќе биде затворена сè додека не биде целосно функционална и не се заврши дефектажата, за граѓаните да можат безбедно да ја користат. Јас немам точна информација“, изјави градоначалникот денес.
За дел од граѓаните ова ќе претставува проблем за искачување на Водно, додека за други затворањето на жичницата не значи ништо.
Оваа одлука е донесена по претходно извршени контроли, при што било утврдено оштетување на гумените елементи, триење кај гондолите, неисправни сензори, како и ризик од откачување на гондола.
