Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Индија открија биста на Махатма Ганди
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со претседателката на Република Индија, Драупади Мурму и претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, денес свечено открија биста на духовниот водач на индиската борба за независност Махатма Ганди.
- На овој свечен настан во Музејот на град Скопје, со поставувањето на бистата на Махатма Ганди, Скопје добива траен потсетник на вредностите што тој ги застапуваше - мирот, ненасилството, слободата, вистината и моралната храброст.

Неговото наследство нè потсетува дека најголемите промени започнуваат со почитта кон човекот и со уверувањето дека дијалогот секогаш е посилен од поделбите.
Овој чин има особено силна симболика токму во Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза. Иако нивните мисии биле различни, Махатма Ганди и Мајка Тереза ги обединува една универзална порака дека човечноста, љубовта, сочувството и грижата за другиот се најголемата сила што ја поседуваме, објави Ѓорѓиевски.

