Орце Ѓорѓиевски: ЕБОР го откочи проектот БРТ
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на денешната седница за советнички прашања во Советот на Градот Скопје, запрашан за проблемите со јавниот транспорт и набавката на новите автобуси, рече дека од страна на кредиторот ЕБОР е откочен проектот БРТ (брз автобуски превоз) со што се создава можност за дополнителна набавка.
-Сакам ексклузивно за јавноста да споделам дека од ЕБОР утринава ни е стигнато писмо, со кое што конечно се откочува проектот за БРТ системот. Она што од нас ни следи како обврска е проектна единица и да направиме измена во планот за јавни набавки. Освен овие 100 автобуси за главниот град, ќе има уште 30 преку БРТ кои дополнително ќе бидат обезбедени. Ако во кампањата сум ветувал 80 нови автобуси, сега заедно со БРТ ќе бидат 130, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во разговор со премиерот Христијан Мицкоски, најголем дел од тие 100 автобуси ќе бидат испорачани оваа година.
- Не гарантирам дека сите 100 ќе стигнат годинава затоа што тоа не го правам јас, но дека ние ќе започнеме паралелен процес со зафатот поврзан со БРТ, како и со автобусите, тоа ќе го почнеме како Град Скопје, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот потенцира дека ЕБОР ги продолжил роковите до март за БРТ системот.
