Од унгарска партија тврдат дека нивниот премиер Виктор Орбан се обидува да му обезбеди засолниште на поранешниот македонски лидер, Никола Груевски и неговите најблиски луѓе.
Тие наведуваат дека тоа е спротивно на сите европски вредности, не само во рамките на Европската Унија туку и во самата Унгарија. На ова предупреди Виктор Сигетвари, претседател на Националниот политички совет „Еѓит” – унгарска проевропска политичка партија која има пратеник во Европскиот парламент.
Сигетвари вели дека во последните неколку месеци Орбан сторил сé за да ја воскресне политичката кариера на Груевски.
„За среќа, овој план пропадна, и покрај директната вмешаност на унгарскиот премиер и уште неколку политичари во предизборната кампања во Македонија. Орбан не успеа да му помогне на пропаднатиот македонски политичар Груевски, кој сакаше да го дестабилизира Балканот преку руско влијание, за време на локалните избори. Сега Груевски и неговите први луѓе бараат азил во Унгарија, иако неговиот пасош е одземен поради обвинувања за тешка корупција“, рече Сигетвари.
