Економија, финансии, бизнис

Контакт

Оптимисти во Брисел, песимисти во Скопје – Има ли дволичност во ЕУ политиката на Мицкоски

Оптимисти во Брисел, песимисти во Скопје – Има ли дволичност во ЕУ политиката на Мицкоски

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски успешно пружа отпор на притисоците за уште една смена на Уставот и уште едно национално понижување по диктат на соседите без притоа да добие јасни гаранции дека ќе престанат бескрајните барања за отстапки без исполнување на европската интеграција. Но, од друга страна токму европската интеграција и непотребно ја користи за внатрешнополитички цели, испраќајќи мешани сигнали, едно говори кога е во Брисел, друго кажува кога се враќа во Скопје.

Во услови на закочен процес за членство во ЕУ и додека траат обидите на македонската влада за подобрување на меѓународните позиции, оправдани  беа критиките врз македонската опозиција која дава сигнали до Брисел, но и Софија за прифаќање на уставните измени и условите наметнати во т.н. Француски предлог. Така СДСМ не си прави услуга ниту на себе, ниту учествува во креирањето на единствена и заедничка политика на Македонија пред барањата на соседите и индиферентноста на Брисел.

Но, од друга страна мора да се впери прстот и кон власта, која ја носи целата одговорност за водењето на овој процес. Токму двојната игра може да и се врати на оваа власт како бумеранг.

Премиерот Мицкоски кога е во Брисел, или кога присуствува на самитите со Европската Унија дава пораки дека процесот на евроинтеграции е „жив“. Но, кога е во Скопје дава побрутални изјави дека „ако треба ќе чекаме и децении за да влеземе во ЕУ“, или дека „ниту Црна Гора, ниту Албанија ќе влезат во ЕУ“ за да нe се „лажеме“ дека постои вистинска шанса за проширување како што тврдеа во повеќе наврати челниците на Унијата.

Дали европскиот маратон сепак, се претвора во спринт?

Во Европската Унија дефинитивно постои придвижување, кое за волја на вистината не се должи на желбата за брза интеграција на Западен Балкан, туку решавање на „источното“ прашање, односно зацврстување на европската геополитичка определеност кон Украина и Молдавија.

Токму нивното приближување кон Брисел, на овие простори се дочекува со огромна доза на горчина, поради децениските ветувања за проширување со земјите од регионот, кои и натаму се ставени под „политичкиот мраз“, и се вперува прстот кон нив за „неисполнети реформи, незавршени домашни задачи и недостиг на демократски стандарди“.

Замислете ги истите „услови“ и пресликајте ги во Украина и Молдавија, секако се целата должна почит кон овие две земји. Дали тие се понапред во однос на усогласеноста со европското законодавство, или пак со исполнување на европските стандарди за заеднички пазар и укинување на царините, заедничко управување со границите и миграцијата, или владеењето на правото?

Но, тоа е проблем или прашање на Брисел за тоа како ќе ја „продаде“ сликата за „еднаквост“ кон партнерите од Источна Европа и Западен Балкан.

Скапата цена на високиот рејтинг

Тоа што нас треба да не интересира е македонската надворешна политика, доследноста во ставовите за спроведување на Францускиот предлог и јасна и транспарентна работа пред македонската јавност.

Дали и на кој начин ќе се спроведат уставните измени, каков вид на членство ќе добиеме во ЕУ, дали навистина постои отворен простор за проширување кој мора да се искористи сега за да не заостанеме зад Албанија и Црна Гора, и кои се роковите за овие процеси.

Билдањето рејтинг, со изјавите колку се „лоши чичковците од Брисел“ и колку нашите политичари на власт го бранат македонскиот идентитет, а додека се таму „глумат“ конструктивност и подготвеност за спроведување на реформите, стануваат многу провидни и се под опасност да завршат со целосно фијаско.

Без подобрување на македонските надворешни позиции и со подлабоко поделено македонско општество и домашна јавност која ја губи довербата за било каков исчекор кон подобра иднина. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести