ОПШТИНА ТЕТОВО ПЛАНИРА ДА ГО УРНЕ: Ангелов вели дека крстот на Попова Шапка нема да падне
Тетовска епархија добила решение за отстранување на крстот на Попова Шапка.
Тетовско-гостиварска епархија денеска информираше дека добиле решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Најавија дека ќе поднесат жалба.
„Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи“, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.
Вчера за медиумите на албански јазик, раководителот на општинскиот инспекторат изјави дека има решение за отстранување на крстот.
„За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа“, изјави Сулејмани.
Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец. На 18 ноември градоначалникот Билал Касами изјави дека согласно нов урбанистички план може да се легализираат верските објекти.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и претседател на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, изјави дека крстот на Попова Шапка нема да падне откако Општина Тетово објави дека е донесена одлука за негово уривање.
„Со оглед на досегашната динамика на рушење на бесправно изградени објекти во Тетово и Тетовско, крстот на Попова Шапка никогаш нема да дојде на ред.
Во меѓувреме, за граѓаните на Тетово далеку покорисно би било кога градоначалникот Касами, наместо со крстот на Попова Шапка, би се зафатил со чистење на натрупаното ѓубре во градот. Да живееш под преубава планина, а да дишеш отров, е парадокс од невидени размери. Затоа наредната работа што му ја препорачувам на градоначалникот Касами е да се зафати со барање долгорочно решение за надминување на штетите и опасностите од загадениот и канцероген воздух, кој секојдневно го дишат жителите на овој регион“, вели Ангелов.
Како што додаде, најавениот протест против крстот на Попова Шапка, кој треба да се одржи во пресрет на Нова година, в петок во Тетово, меѓу другото, ќе покаже колкумина наши сограѓани Албанци ќе покажат непочит кон нас православните Македонци. Ангелов се надева дека нивниот број ќе биде мал. Тој претходно кажа дека е спремен со некои свои соборци од 2001 година да го брани крстот, ако локалната власт сака да го урне.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ангел Карапетров, реагираше на прес-конференцијата на пратеничката на СДСМ, Фаница Николовска. Тој порача дека јавноста веќе се измори, од како што вели, игрите на СДСМ и ДУИ.
