Општина Охрид му наложи на изведувачот да корегира неправилности при реконструкцијата на Плоштадот кај Чинарот
При извршена контрола на терен во рамки на реконструкцијата на плоштадот „Чинар“, надзорниот орган констатирал неправилности во поставувањето на коцката на почетокот од пешачката зона, на површина од околу 45 квадратни метри.
На изведувачот притоа му е издаден налог за корекција и целосно усогласување со проектната документација и техничките стандарди, при што сите трошоци за прередување ќе бидат на товар на изведувачот.
Од Општина Охрид соопштија дека преку стручен надзор континуирано се следи квалитетот на градежните активности, согласно законските процедури и договорните услови.
Општината нагласува дека нема да се прифаќаат решенија што отстапуваат од предвидениот квалитет и дека сите забелешки задолжително ќе треба да бидат отстранети пред продолжување и прием на работите.
Целта на реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ е таа да се реализира квалитетно, безбедно и во интерес на граѓаните, се посочува во дописот од Општина Охрид.
