Економија, финансии, бизнис

Контакт

Општина Карпош: Се заловуваат улични кучиња, будно ја следиме состојбата

Општина Карпош: Се заловуваат улични кучиња, будно ја следиме состојбата

Општина Карпош известува дека будно ја следи состојбата со зголемениот број на улични кучиња на територијата и е реагирано до Град Скопје и ЈП Лајка со барање за заедничка соработка и решавање на овој проблем. 

„Екипите од ЈП Лајка веќе се на терен на повеќе локации во општината при што се врши заловување и хуман третман на кучињата согласно процедурите и стандардите за благосостојба на животните.

Евидентно е дека бројот на бездомните кучиња во последните неколку денови е зголемен, па затоа, во соработка со Градот ќе работиме интензивно на изнаоѓање на решение за моменталната состојба, како и на трајно решавање на проблемот со уличните кучиња“,соопштија од локалната самоуправа.

Истовремено реагираа и од Анима Мунди од каде побараа итна истрага за организирано дислоцирање кучиња во Скопје.

„Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава што веќе директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и самото владеење на правото.

Во општина Карпош, во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња - животни кои се целосно непознати за локалното население, кои не се дел од постоечката улична популација и кои се појавија буквално преку ноќ. Станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација“, алармираат од организацијата.

Претходно за проблемот известија од ЈП Лајка од каде забележаа дека и покрај редовните активности, постојно се пронаоѓаат нови диви кучиња низ делови од градот каде што претходно биле ангажирани екипи. 


Слично

Поврзани вести