Општина Карпош одговори на обвинувањата на Ранко „Бубамара“ за небезбедноста на игралиштата : Предвидени се нови 9 милиони денари за одржување на овие објекти
Општина Карпош одговори на обвинувањата на Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“ кој во изјава за „Фактор“ , а и на неговиот Фејсбук профил објави дека детските игралишта во општината се крајно небезбедни. Според изјавата од одделението за односи со јавноста на општината, безбедноста на игралиштата е гарантирана уште при изборот на економскиот оператор.
-Во општина Карпош има повеќе од 60 детски игралишта. Службите на локалната самоуправа во континуитет работат на нивна санација или целосна реконструкција. Како што може да се види и по објавите на социјалните мрежи, до медиуми, како и на нашата веб страна, редовно известуваме за сите тековни санации и реконструкции на детски игралишта. Во врска со безбедноста на игралиштата, истата е гарантира уште при изборот на економскиот оператор кој поставува урбана опрема (вклучително и реквизити по детски игралишта). Со критериумите кои Општината Карпош ги пропишува за избор на економски оператор се осигурува понудувачот да е правен субјект кој е професионален, искусен во областа и безбеден за идните корисници на урбаната опрема. Притоа, се бараат и одредени универзални меѓународни стандарди за квалитет на урбаната опрема (EN-1176/2018 и EN-1177/2018), како и стандарди што се однесуваат на организираноста на економскиот оператор, влијанието врз животната средина и слично (ISO 9001/2015, ISO 14001/2015 и ISO 45001/2018). Треба да се нагласи и податокот што по монтажата на урбаната опрема на детските игралишта, правниот субјект кој е ангажиран за вршење на стручен надзор врши проверка на сигурноста на реквизитите и врз основа на тој увид ги потпишува и заверува ситуациите и другата документација (или не ги потпишува и не ги заверува, доколку било што не е во ред), кои потоа доаѓаат во општинатаза заверка и наплата. Пријави за оштетени реквизити по игралиштата пристигнуваат на дневно ниво и гледаме веднаш да реагираме. Пријавите ни пристигнуваат преку социјалните мрежи, мобилната апликација „мЗаедница“, телефонски и сл. Со ребалансот на Буџет, општина Карпош предвиде нови 9 милиони денари за одржување на детски и спортски игралишта. Од претходните 14 милиони денари, сега се обезбедени 23 милиони денари, буџетски средства за оваа намена. Исто така, при редовното испитување на јавно мислење, кое обично го правиме пред носењето на Буџетот, во делот на активности на општината, одржувањето на детските и спортски игралишта, изведбата на нови вакви зони се меѓу темите за кои постои задоволство од граѓаните. Апсолутно, не го исклучуваме фактот дека е можно некое игралиште да е уништено, но како што посочивме и погоре, етапно ги санираме сите. Затоа што има голем број на вакви детски и спортско – рекреативни зони (повеќе од 60), апелираме до сите граѓани на совесно и одговорно користење на реквизитите. Затоа што не е возможно на дневно ниво да бидат санирани, обновени сите детски игралишта, а сите реконструкции се прават со пари на граѓаните. Оттука, одговорноста е кај сите нас“, велат од Општина Каропош како одговор на нашиот имејл кој го испративме на 17 мај.
Отатму посочуваат дека имејлот не им стасал, инаку одговараат на сите новинарски прашања. Објавувајќи фотографии од игралиште од Трнодол, населбата каде што тој живее, Ранко Петровиќ, сопстеникот на радио Бубамара на Фејсбук меѓудругото напиша:
-Безбедноста на детските игралишта во Општина
Карпош и Скопје е на најниско ниво. Општина Карпош и Стефан потрошиле околу
500.000 евра за одржување на спортски и детски игралишта во изминативе 4
години, а игралиштата личат на археолошко наоѓалиште со сите рѓосани и
промашени реквизити кои се поставувани во периодот од Стефче до Стефан“.
(М.Џ.)
