Економија, финансии, бизнис

Контакт

Општина Карпош: Недозволиво е соседите да не знаат што ќе се гради до нив

Општина Карпош: Недозволиво е соседите да не знаат што ќе се гради до нив

Општина Карпош излезе со реакција по веста дека владеачкото парламентарно мнозинство иницира укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба, со што соседите ,како што предупредуваат независните урбанисти, нема да бидат информирани кога ќе се гради нешто до нив, ниту пак ќе имаат право на приговор.

Претходно реагираше и независното движење „Шанса за Центар“ кое објави дека мнозинството во Собранието го има избришано членот 62-а во Законот за градење, со што соседите на парцелата на која се гради ја губат можноста за жалба и поплака.

„Општина Карпош со неверување ја прифати иницијативата за укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба и не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина еден вака важен член од законот. Членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола.

Да потсетиме, овој член од законот го донесе министерот Миле Јанакиевски во владата на Никола Груевски и го промени претходниот закон со кој задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метра до оградата. Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и до израз многу често доаѓаа лошите соседски односи кои на моменти дури се претвораа во изживување.

Измената предложена од министерот Јанакиески беше во склад со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што е според наше мислење недозволиво“, реагираат од скопската општина.

Од таму се убедени дека ова не е барање на локалната самоуправа, туку е барање исклучиво на инвеститорите, а министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините.

„Недозволиво е соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот.

Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи“, порачува Општина Карпош.


Слично

Поврзани вести