Општина Карпош: Физички нападнат член на Советот од маскирано лице
Општина Карпош со информација до медиумите известува дека утрово е нападнат членот на Советот, Александар Илиески, од непознато маскирано лице. Од Општината тврдат дека во последно време тој добивал закани од својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ.
Нападот се случил во 7.40 часот пред трговскиот центар Антико во Карпош 4, додека Илиевски одел на работа. Непознатиот напаѓач ненадејно го нападнал при што му задал неколку удари во лицето од кои му нанел видливи повреди. За среќа, инцидентот бил забележан од граѓани кои притрчале на помош, по што напаѓачот избегал.
„Илиески, кој е дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош во изминатиот период јавно изразуваше несогласување со политиките и одлуките на партијата. Поради неговите ставови, советникот во повеќе наврати се жалеше дека добивал сериозни закани по живот преку СМС пораки од непознати броеви, како и од страна на висок општински функционер во ВМРО-ДПМНЕ во разговор со неговиот татко. Од Илиески се барало да се откаже од советничката функција во Општина Карпош, а за возврат партијата би му ги исплатила паушалите до крајот на советничкиот мандат. Доколку не го стори тоа му било порачано дека може да му се случат „лоши работи“., се вели во известувањето од локалната самоуправа.
Од таму додаваат дека заканите кои претходеле биле пријавени во МВР. Илиески, веднаш по инцидентот бил во полициска станица Карпош каде што тој дал изјава за физичкиот напад.
