Општина Центар објави оглас за лични асистенти, плата 15.000 денари
Општина Центар објави оглас за ангажирање на лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите”.
Избраните кандидати ќе работат по 20 часа неделно, со месечен надоместок од 15.000 денари.
Право на пријавување на јавниот повик имаат лица со завршено средно образование, а предност ќе имаат кандидати со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и оние со претходно искуство во работа со деца со попреченост.
„Нашите асистенти им помагаат на учениците полесно да се адаптираат и функционираат во училишната средина. Тоа многу значи, не само за децата, туку и за родителите и наставниците. Морам да потенцирам дека сме единствена општина во Скопје што, и покрај сите предизвици, продолжува самостојно, од свој буџет, да го спроведува овој проект,” објави градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик е отворен пет работни дена, а пријавувањето се врши во Архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
