Општина Аеродром за Зимзоленд: Земјиштето на кое е поставена манифестацијата е во приватна сопственост
Од Општина Аеродром велат дека во врска со „Зимзоленд“, инспекциските служби професионално и посветено постапуваат во согласност со своите надлежности.
Инспекциската постапка на Општина Аеродром почна на 28 ноември 2025 година и во моментов внимателно се разгледуваат сите факти и околности што се однесуваат исклучиво во делот на одобрението за поставување урбана опрема.
„По целосно завршување на постапката, од страна на Општината ќе бидат преземени соодветни мерки што произлегуваат од законите, доколку за тоа постои утврдена основа.
Земјиштето на кое е поставена манифестацијата е во приватна сопственост, а Општина Аеродром не е организатор ниту учесник во програмските активности на Зимзоленд.
Вашата доверба и спокојство ни се од големо значење. Секое случување во нашата општина е важно за нас, па затоа транспарентноста и отвореноста остануваат наши водечки принципи.
Продолжуваме внимателно да ги следиме сите активности, со искрена посветеност да обезбедиме сигурна, уредна и пријатна средина за сите жители на Аеродром“, велат од Општината.
Инспектори во координација со Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера попладне спроведоа акции на улица „Пластичарска“, како и на Зимзоленд, каде било утврдено дека Град Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
За ова информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
