ОПШТИНА АЕРОДРОМ: КОНКРЕТНАТА УЛИЦА Е ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ГРАД СКОПЈЕ - Наша цел е решавање на предизвиците на граѓаните
Улицата која стои раскопана подолг период во општина Аеродорм е во надлежност на град Скопје. Ова го посочи општина Аеродром која се огласи со реакција по објавата на нашиот портал дека улицата „Васко Карангелески“ долг период стои раскопана.
- Проектите кои се наведени во вашата објава и во конкретниот фејсбук статус се проекти кои ги реализира и кои се во законска надлежност на градот Скопје, а забелешките и прашањата за нивното доцнење треба да се упатат до градоначалникот на Град Скопје и до градската администрација. За посочените проекти Општина Аеродром досега во неколку наврати доставуваше ургенции, а градоначалникот Тимчо Муцунски и во јавноста апелираше за нивно побрзо завршување - посочуваат од општина Аеродром.
Утринава Фактор ја пренесе информацијата од Фејсбук профилот на доктор Нико Беќаровски, кој се пожали дека раскрсницата пред Воена Академиј долг период стои раскопана.
Од општина Аеродром дополнуваат дека општината периодов активно работи на десетина инфраструктурни проекти кои се реализираат навремено, согласно планираната и предвидена динамика. Дел од нив се: Парковите „Радост“ и паркот во Стар Аеродром, новиот повеќенаменски спортски центар на „Островска“ во Лисиче и неколку улици во истата населба. Во изминатиот период целосно и навремено заврши реконструкцијата и изградбата на неколку детски, спортски игралишта и урбани паркови на неколку локации во општината.
- На крајот уште еднаш би сакале да потсетиме дека подобрување на условите за живеење и решавање на најважните предизвици со кои се соочуваат граѓаните се најважните приоритети на Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски. Проектите и инвестициите во инфраструктурата, нивната навремена реализација првенствено се насочени кон исполнување на оваа цел. Општина Аеродром е транспарента општина и ние преку директна комуникација и понатаму остануваме отворени за сите прашања, сугестии и предлози од граѓаните - додаваат од општината.
Фото: Принтскрин/Фејсбук/Град Скопје
