Опозициските пратеници бараат од Заев да го покаже договорот со Бугарија
Пратеници од ВМРО – ДПМНЕ со писмо до премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров го бараат на увид договорот со Бугарија.
Опозиционерите бараат договорот да им биде ставен на увид, бидејќи како што велат, ваквата нетранспарентност е извор на загриженост.
„Во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува дека текстот на Договорот е усогласен. Во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Ваквата нетранспаретност е извор на загриженост“, посочи Димовски.
„Собранието на Република Македонија, согласно уставот и законот за Надворешни работи има носечка улога во водење на надворешната политика. Оттука, цениме дека загриженоста може да биде надмината преку споделување на нацрт текстот или на усоглаесниот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните. Тоа би било и во духот на ветувањата за транспарентност во работењето од страна на Претседателот на Владата на Р. Македонија г-дин Зоран Заев, како и на Вашите изјави дадени пред Комисијата за Надворешна политика дека текстот на договорот ќе биде споделен со пратениците во Собранието на Република Македонија, чија вклученост и поддршка самите ја побаравте“, се наведува во писмото.
