Опозицијата „технички“ ќе го поддржува референдумот со тивок бојкот
Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе „технички“ започна да го подржува најавениот референдум „за или против“ промена на државното име, кој официјално го најави премиерот Зоран Заев, а се очекува да се одржи рано на есен.
Сите парламентарни партии месецов во Собранието постигнаа консензус за привремено решение за избор на Државната изборна комисија со мандат од шест месеци, а составот да се одбере некаде околу средината на јуни. Во рамки на овој полугодишен мандат ДИК треба да го организира референдумот и да одлучува по евентуалните жалби по неговото одржување.
Пратениците веќе рекоа дека работните групи го договориле ова преодно решение за избор на членови на ДИК, што е засновано на стариот закон.
– Ние како координатори на сите политички групации во Парламентот се договоривме да поднесеме предлог законско решение што е темелено врз постоечкото или старото законско решение, имајќи предвид дека разговорите помеѓу работните групи за измени на изборното законодавство се во тек и ќе течат и понатаму, Но, од друга страна, факт е дека во државата не постои Државна изборна комисија (ДИК), рече Тунтев, посочувајќи дека нејзините надлежности не се поврзани само избори, туку и со други форми на изјаснување.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев изјави дека се враќа старото решение, според кое претседателот на ДИК ќе биде од редовите на опозицијата, а потпретседателот да биде од владејачкото мнозинство.
Освен Тунтев и Данев, предлагачи на овие усогласени измени се уште и Ејуп Алими од ДУИ и Африм Гаши од Беса.

- Тоа ќе биде тивок бојкот, бидејќи официјалната политика на ВМРО-ДПМНЕ е интегрирање во НАТО и ЕУ, но за жал има инстанци со пристап и идеи од 19 век и некои работи тешко дека ќе можат лесно да се сварат - вели тој.
Ружин издвојува неколку начини како можни опструкции.
- Како прво, ќе ги користат своите fake news центри и анкети со кои ќе покажуваат „дека народот не го сака Заев и актуелната власт“. Понатаму, можат повторно да го злоупотребат претседателот на РМ, а на најавениот анти-владин митинг на 2 јуни да упатат пораки на отпор. Како трето, до самиот референдум ќе отстапуваат, но за возврат постојано ќе бараат политичка компензација. Последно, нема да водат платена анти-кампања по медиумите, но ќе организираат демонстрации за неменување на името, што пак е добро за Македонија бидејќи ќе покажеме пред светот дека плаќаме голема цена за да одиме напред - анализира Ружин.

Што сакаше да заштити Владата преку Министерството за правда?
Министерството за правда во јануари оваа година набрзина делуваше и набрзина се предомисли, па од единствениот електронски регистар на прописи (ЕНЕР) ја тргна иницијативата за промена на Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните кое беше објавено ден претходно.
Во соопштението на Министерството како образложение се наведе дека со измените кои се барале се усогласува Изборниот законик.
„Со предложените измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување на текстот на Законот со Изборниот законик и се напуштаат, односно надминуваат одредени застарени решенија, од причина што Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните е донесен во септември 2005 година, a Изборниот законик во март 2006 година“, пишуваше во соопштението.
Сепак, не беше конкретно објаснето ниту демантирано, што поточно требаше да се промени и за која цел.
На крајот од соопштението повторно се наведе: „Нагласуваме дека со предложените измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши уредување на прашања кои се од значење за практичното спроведување на законот и техничко доуредување на текстот на истиот“.
Оливер Ристовски како заменик-министер за правда тогаш изјави дека ќе ја прекинат процедурата за измена на Законот за референдум за да не се наштети на преговорите за името.

На иницијатива на Собранието на РМ
Референдумот ќе се распише на иницијатива на Собранието на РМ и не се потребни граѓански потписи. За референдум овластениот предлагач може да води јавна пропаганда на свој трошок. Референдум за исто прашање не може да се повтори пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во “Службен весник на Република Македонија” до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена. Државната изборна комисија се грижи за законито подготвување и спроведување на референдумот на државно ниво
Александар Кузмановски