ОПОЗИЦИЈАТА ОБВИНУВА ЗА ВМЕШАНОСТ НА ЛУЃЕ БЛИСКИ ДО ВЛАСТА - што ќе каже денеска МВР за големата акција за запленетата дрога
Еден од уапсените во големата полициска акција во која беше запленета дрога вредна над 800 илјади евра, е командир на Полициската станица во Прилеп.
Оваа вест вчера ја објавија повеќе медиуми, повикувајќи се на информации на порталот СДК.МК..
Информацијата за акцијата, пак, вчера попладнето ја соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој конкретно не ја посочи позицијата, туку напиша дека меѓу уапсените е и висок полициски службеник.
Македонските органи акцијата ја спроведуваат заедно со Американската агенција за борба против наркотици – ДЕА.
„Продолжуваме заедно со нашите стратешки партнери во неселективна борба против криминалот“, порача Спасовски.
Утре, според најавите, МВР ќе одржи и прес-конференција на која ќе излезе со официјални детали за акцијата.
Дел од медиумите објавија и дека дрогата била транзит низ нашата земја, а полициската акција и натаму трае. Досега биле уапсени неколку лица, иако точниот број не се открива. Полицијата кај нив нашла и оружје.Според информациите, оваа нарко-дилерска група нема допирни точки со онаа од Грчец, чии членови беа уапсени минатата недела.
Новинарот Љупчо Златев, пак, преку Фејсбук статус напиша дека со денешната акција со која е запленета дрога раководела американската агенција ДЕА, заедно со обвинителството, а МВР до последниот момент не знаеле ништо. Тој вели дека во истата афера е уапсен возачот на Трајче Заев.
„Александар Ушилковски, возачот на Трајче Заев, уапсен со марихуана во вредност од 800.000 евра која се носела на црниот пазар. Уапсен во комбе кое е сопственост во фирма партнер (во сопствеништва) со фирмите на Заеви. Со него уапсени двајца високи полициски функционери. Едниот командир на полицијата во Прилеп, друг од БЈБ. Со акцијата раководела американската агенција ДЕА, заедно со обвинителството. МВР до последниот момент не знаеле ништо! Американската агенција влегува во пресметка со нарко картелот на Заеви! God bless America!“, напиша Љупчо Златев. Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, доцна синоќа, напиша.
„На повидок е нова афера “Картелот Заеви”. Иако МВР молчи и е во паника, неофицијалните информации кои стигаат до нас е дека запленета е дрога од ДЕА во вредност од 800.000€, во бело комбе со грчки таблици, во сопственост на фирма која е партнер во битолската фирма за канабис “Медикал 420”. Пратечките возила на дрогата биле управувани од возачот на Трајче Заев (прв и најблизок братучед на Премиерот Заев) и Кире ‘Чипсио’ Спиркоски кој е близок до СДСМ и Оливер Спасовски и е командир на ПС Прилеп. Ниту една случајност, туку напротив, сѐ упатува до семејството, кои веќе се картел, Заеви и секако до власта на СДСМ“, пишува меѓу другото на фејсбук Димче Арсовски.
