Опозицијата не сака одложување на изборите поради НАТО
Најголемите опозициски партии во Македонија реагираа негативно на можноста која ја најави премиерот Зоран Заев дека предвремените парламентарни избори би можеле да се одложат, односно да не се одржат на 12 април, заради ратификацијата на пристапувањето на земјата како најнова членка во НАТО во македонското Собрание.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека до 11 февруари, кога е предвидено да се распушти Собранието, има доволно време за ратификување на протоколот за членство во македонскиот парламент како финален чин. Од таму реагираат дека Заев веќе е навикнат постојано да се предомислува, иако како што велат од таму, Собранието може вонредно да се состане и по распуштањето.
Алијансата за Албанците по ваквата најава соопштија дека се против одложување на парламентарните избори затоа што на средбата на партиските лидери со претседателот на државата Стево Пендаровски биле земени предвид сите можности за гласање за верификување на ратификувањето на договорот за членство во НАТО.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека Собранието на Македонија, и покрај тоа што следуваат предвремени парламентарни избори на 12 април, треба да биде функционално кога ќе дојде редот на државата да го ратификува своето членство во НАТО. Според шефот на македонската Влада, треба да се остави простор да се измени консензуалното решение за денот на изборите заради ратификувањето на пристапувањето во НАТО во македонскиот парламент.
Во моментов уште три земји треба да го ратификуваат пристапниот протокол на Македонија во Алијансата, по што се очекува истото последна да го направи Македонија преку своето Собрание по што и официјално земјата ќе се смета како 30-та членка на НАТО. Ова се очекува во периодот февруари/март но истовремено тогаш треба да се распушти и законодавниот дом, а Заев вели дека се зависи од претседателот на Собранието, Талат Џафери, чие мислење треба да биде почитувано.
- Изборите се на 12 април, но секако се остава можност тоа повторно да се разгледа заради ратификацијата за членство во НАТО. Ние веројатно нема да дозволиме како држава да немаме парламент кога ќе треба ние да ратификуваме. Сите 29 земји-членки ратификувале и кога ќе дојде до Република Северна Македонија, оп ние немаме парламент. Тоа не смееме да го дозволиме, рече Заев денеска на отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен, Скопје.
