Опозицијата бара да се повлече законот со кој се ограничува движењето на неимунизираните
Дафина Стојаноска, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, во име на коалицијата „Обнова за Македонија“ побара од владеачкото мнозинство да се повлече Законот за заштита од заразни болести, кој предизвика негативни реакции кај дел од јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ бара прво да се организира јавна расправа, затоа што со овој предлог се ограничува слободното движење на неимунизираните во услови на пандемија. Според опозицијата, власта сака да го „прошверцува“ овој предлог.
Дополнително, вчера законското решение беше тргнато од дневен ред без посебни објаснувања. Истиот треба да се носи по скратена постапка.
„Сакаме да нагласиме дека, во текот на вчерашниот ден, овој скандлозен закон беше само тргнат од дневниот ред на 95-тата седница на Собранието, што не значи дека истиот не може да биде повторно ставен на некоја наредна седница.
Најпрвин, сакаме да ја истакнеме, по не знам кој пат, злоупотребата на европското знаменце. Самиот закон се усогласува со донесени регулативи во 2013 и 2018 година, кога Ковид 19 воопшто не беше појавен и оттука нема никаква логика истиот да се разгледува на Комисијата за европски прашања. Матична комисија за овој закон треба и мора да биде единствено Комисијата за здравство“, рече Стојаноска.
Предложените измени на Законот за заштита на населението се направени во врска со последната пандемија на КОВИД-19, во која сè уште се наоѓаме. Ова значи дека сите одлуки што се носеа од страна на Владата за изолација и одредување мерки сега ќе имаат и правна основа со закон. Со овој степен на пандемија, како што е во моментов нема да се бараат сертификати, бидејќи нема ризик кон општото здравје за граѓаните, изјави претходно министерот за здравство Беким Сали и појасни дека доколку не се појави епидемија не се наметнува никакво ограничување.
