Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТ ЗА ФАКТОР – ПОВРАЌАЊЕ И ТЕШКИ МАЧНИНИ КОГА ЌЕ СЕ ПРИМИ НЕСООДВЕТНА ТЕРАПИЈА: „Ова им се случува на најтешко болните“

ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТ ЗА ФАКТОР – ПОВРАЌАЊЕ И ТЕШКИ МАЧНИНИ КОГА ЌЕ СЕ ПРИМИ НЕСООДВЕТНА ТЕРАПИЈА: „Ова им се случува на најтешко болните“

„Го викнаа да прими терапија. Ни рекоа дека се стигнати лековите, но додека пристигнавме на Клиниката за онкологија, еден од лековите веќе го немаше, најверојатно беше потрошен, бидејќи не се знае колкав број на пациенти мора да го примаат. Му дадоа замена. Веднаш по примањето почна да повраќа, со ненормални мачнини, мораше да интервенира Итната медицинска помош. Преживеа пекол.“

Ова го раскажуваат најблиските на онколошки пациент кој неодамна примил несоодветна терапија на Клиниката за онкологија. Сценариото што го опишуваат не е исклучок, туку сурова реалност за многумина кои водат борба со една од најтешките болести. Иако аферата во која се разоткрија злоупотреби со скапи онколошки лекови поради кои беа загубени човечки животи избувна пред повеќе од година и половина, последиците за пациентите се сè уште реални и болни. Лекови се набавуваат во ограничени количини, не секогаш се достапни на време, а секоја терапија носи нова доза страв и неизвесност.

Според нашата соговорничка, на Клиниката за онкологија секојдневно се случуваат сцени што тешко може да се опишат без емоција. Пациенти од сите делови на Македонија пристигнуваат со надеж дека ќе ја добијат неопходната терапија, но за некои денот завршува со ново разочарување, едноставно не стигнале на ред. А кога немаат каде да одат, остануваат пред клиниката. Спијат во коли. Немааат роднини во Скопје, а уште помалку пари за хотел или приватен сместувач. Тоа, за било кој човек, е понижувачко и штетно, но за онколошки пациент е речиси убиствено.

„Многу често се случува голем број возила со регистарски таблички од другите градови да бидат паркирани во близина на Клиниката. Внатре, болни луѓе, со ќебиња и јакни преку глава. Овие луѓе се оставени сами, да се снаоѓаат како знаат и умеат“, сведочи нашата соговорничка.

Вели и дека сликата внатре, во самата Клиника за онкологија не е ништо подобра. Ходниците се пренатрупани, нема доволно столици, нема простор за одмор, а гужвите се секојдневие. Целата клиника е преполна, луѓе седат на под, стојат со часови, чекаат да бидат повикани. Во вакви услови, тешко е да се зборува за човечко достоинство, уште помалку за квалитетно лекување.

И додека пациентите сè уште ги чувствуваат последиците од системските пропусти, надлежните институции дури сега почнаа со правна разврска на аферата што го потресе целото општество.

Основното јавно обвинителство, минатата недела поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите, кое опфаќа четворица лекари онколози.

Прв обвинет е поранешниот директор на Клиниката, д-р. Нино Васев. Тој се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување на болни.

Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, со што, тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од вториот обвинет, економскиот директор, Нехат Нухи, кој му дал факсимил и податоци за влез во системот. Другите двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории, се утврдува дека одредувале лекови од новите генерации, во фаза кога било очигледно дека пациентот нема да има корист поради лошиот статус, без да се наведе висината и тежината на пациентот, со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.

Во меѓувреме Васев и Нухиу, со одлука на Кривичниот суд добија куќен притвор за што Основното јавно обвинителство вложи жалба. 

Анита Буховски

фото: МИА

Слично

Поврзани вести