Економија, финансии, бизнис

Контакт

Оливер Спасовски од Бугарија: Воопшто не размислувам за победа на ВМРО-ДПМНЕ, која е ретроградна и не е реформирана

Оливер Спасовски од Бугарија: Воопшто не размислувам за победа на ВМРО-ДПМНЕ, која е ретроградна и не е реформирана

Ризици секогаш постојат. Знам дека ќе имаме една сериозна и жестока кампања. Во неа ќе се спротивстават два концепти, едниот кој значи напредок и јасна визија и остварување на стратешките приореитети и економски перспективи - и од друга страна ретрограден концепт, кој во ниеден момент не е реформиран, кој нуди неизвесност за државата и за граѓаните. И самиот по себе таков судир на тие два концепти е ризик. Но нема други ризици од кои може да биде нарушена безбедноста или подлабоко политичката состојба. 

Ова го вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за бугарската телевизија „ТВ Европа“, на прашањето на новинарот дали и какви ризици постојат пред одржувањето на најавените вонредни парламентарни избори на 12 април. 

„Така што, очекувам дека изборите ќе бидат мирни, фер и демократски. За тоа треба да бидат свесни и политичките субјекти што ќе учествуваат на изборите. Верувам длабоко во демократскиот капацитет на граѓаните и сметам дека ќе донесат вистинска одлука на тие избори - Македонија да продолжи по вистинскиот пат“, нагласува министерот.

Прашан дали ако ВМРО-ДПМНЕ победи на 12 април, возможно ли е да се стави под сомнение Договорот за пријателство меѓу Скопје и Софија, тој вели дека задача на оваа власт е да направи се оваа политика која ја води сега Владата на Зоран Заев да продолжи и натаму. 

„Јас не размислувам воопшто за победа на партијата која не е реформирана самата себеси и која нема погледи и визии како треба деа напредува и државата и регионот во целина. Така што, победа мора да има на оваа Влада и да продолжат политиките кои значат пријателство, соработка, напредок и интеграција. Враќање на политиките на ВМРО-ДПМНЕ би било враќање назад, бидејќи тоа се истите луѓе и принципи на кои тие ја темелат политиката, а тоа значи никогаш да не се помогне на сопствените граѓани и на државата, дури и кога се во прашање национални интереси. Едноставно гледање теснопартиски за сопствен интерес е одлика на опозицијата, и токму заради тоа сметам дека граѓаните треба да ја видат таа јасна разлика меѓу двата концепти кои се нудат за иднината на Република Северна Македонија“, вели Спасовски.

Дали Македонија е сигурна за влез во НАТО, министерот вели дека ние веќе сме на прагот на членството во НАТО.

„Македонија за многу кратко време ќе стане 30 членка на НАТО Алијансата, и го живееме сонот на генерацијата која ги исполнува националните интереси. Уште кога се формираше Македонија како независна и самостојна, таа се формираше на принципите да биде држава која ќе биде членка на ЕУ и НАТО Алијансата. Горд сум што сум дел од Владата која направи важни исчекори за Република Северна Македонија да стане дел од НАТО. Очекуваме дека ќе се создадат услови во Шпанија да може да се ратификува протоколот за членство, тоа е 29 протокол, и потоа и нашиот парламент да го ратификува, и со тоа РСМ формално да стане членка на НАТО Алијансата. Ние и досега се покажавме како кредибилни партнери на НАТО“, објасни Спасовски. 

Дали може Русија да влијае да го спречи влезот во НАТО вели дека ние имаме јасна позиција во однос на нашето членство во НАТО, и за нас не постои никаква друга алтернатива. 

„Секако дека, како и во другите држави кои кога пристапувале во НАТО Алијансата, постојат одредени закани кои доаѓаат од геостратешките позиции и интереси што ги имаат големите земји, постојат многу хибридни закани на кои сме изложени целиот овој период, од потпишувањето на договорите, но ние мора да се справуваме со сите тие појави - дали се тоа хибридните закани, дали се лажните вести, дали е пропагандата која се шири, но верувајте дека најголемиот процент на нашите граѓани посакуваат да бидеме дел од НАТО и тоа ќе биде многу скоро“, вели Спасовски.

На забелешката на новинарот дека кога ВМРО-ДПМНЕ управуваше со државата, имаше фабрики за фалш вести и дали се тие ризик за стабилноста на Северна Македонија, Спасовски вели дека кога владееше режимот, Македонија и во светски рамки беше позната по лажните вести. 

„Одговор на лажните вести можете да направите единствено преку пласирање на вистинските информасции и преку поголема транспарентност, затоа Владата се насочи да биде транспарентна. Тоа не не одминува и денес, има разни влијанија кои преку пропаганда и лажни вести се обидуваат да креираат одредено мислење во државата, но најважно е што се стопираше во тоа да не учествуваат државните органи“, вели Спасовски.

Прашан како ги гледа односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, Спасовски вели дека после потпишувањето на договорот, нашите односи одат во нагорна линија, на секаков можен начин се подобруваат. Тоа отвора можност за подобрување на соработката и на економски план. Фактот што имаме сериозно зголемување на бројот на граѓани кои патуваат од Македонија во Бугарија и обратно и што тој број од ден во ден се зголемува, покажува дека изградивме пријателски односи и треба да ги негуваме и во иднина, смета Спасовски, кој очекува дека тоа партнерство во иднина само ќе се зајакнува. 

(Н.Н.Ф.)

Слично

Поврзани вести