Oливер Спасовски не му даде збор на Буши - казнет е
Јас ќе одговорам затоа што тој е казнет, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и не му даде збор на заменикот Назим Буши на новинарско прашање да ја прокоментира групната фотографија на функционерите на ДУИ во Министерството за политички систем.
„Сега тој носи маска. е може да одговори и затоа што е казнет сега носи маска. Ако не беше казнет, можеби сега немаше да ја носи маската и казнети се сите до еден што седеа на таа маса. Дали се претседатели на партии, пратеници или министри. Кога зборуваме за изрекување казни на државни функционери, барем мене или на ова раководство на МВР, не можете да замерите. Од премиерот, заменик-премиерот, министрите, сите до еден досега имаат казни поради тоа што направиле одредени превиди кои треба да ги санкционираме“, рече Спасовски.
Тој додаде дека кривичните пријави се доставуваат до Јавното обвинителство, а подоцна Обвинителството ќе се произнесе дали станува збор за кривично дело или не, а МВР ги гони сторителите прекршочно. МВР им испрати казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ.
Фотографијата која ја објави министерот за надворешни, Бујар Османи, а потоа и ја повлече од Фејсбук предизвика остри реакции во јавноста.
