Оливер Спасовски: Личната карта уште не ми е обновена
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР денеска ќе го посети пунктот за промена на лични документи без закажување во полициската станица „Пролет“ и при тоа рече дека личната карта се уште не му е променета пред истекот на законскиот рок.
- Да, еден дел ги обновив, мислам дека само личната карта не е обновена, откри Спасовски како одговор на новинарско прашање дали сите лични идентификациски документи ги има регулирано според Преспанскиот договор.
До февруари 2024, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија.
За пунктот во „Пролет“, министерот рече дека системот е добро тестиран и дека може по 1.000 лица на ден да ја поминат процедурата. Работното време е до 18.00 часот, но со можност понатаму да се зголеми до 20.00.
- 70 отсто од закажаните термини, се откажуваат и не се појавуваат граѓаните на тие термини и потоа презакажуваат со одложување. Затоа како раководство одлучивме да излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за процедура со лично појавување по принцип „прв дојден - прв услужен“, рече Спасовски.
