Околу 70 отсто од децата во училиштата треба да се оспособат за професии кои се уште не се измислени
Основците во земјава ќе се оспособуваат да кодираат уште од десетгодишна возраст со помош на малечки, џебни уреди наречени микро бит преку кои ќе стекнуваат вештини за професиите на иднината. Тоа е дел од програмата наречена „Училишта на 21 век за Западен Балкан“ што ќе се спроведува во основните училишта низ Македонија преку Британскиот совет, а со финансии на Владата на Обединетото кралство. Уредите на основците ќе им ги подели Образовната фондација Микро бит од Велика Британија, фондација која во моментов има поделено вакви уреди во околу 80 земји во светот на млади луѓе на кои техологијата им е предизвик. За уредите, технологијата, но и за предизвиците што ги носат современите ИТ професии разговаравме со Кавита Капур, главен оперативен директор на Образовната фондација Микро бит.
Што е всушност уредот микро бит? На кој начин функционира?
Капур: Тоа е многу малечок микро контролер, уред со големина колку дланката. Има две копчиња поставени на страните од 5x5 ЛЕД екран кој може многу лесно да се поврзе со компјутер преку УСБ. Тоа е неверојатен уред на кој децата можат да почнат да кодираат само по неколку минути откако првпат ќе го земат во рацете. На возрасните понекогаш им треба повеќе време од тоа. Ако веќе ги имате стекнато основните вештини на повлекување и испуштање (drag and drop) и користењето на зборови, може многу, многу брзо да почнете со кодирање на вакви мали уреди. Она што многу го сакам кај овој уред е тоа што може да му ставите батерија и да го преместите каде што сакате. Неговите можности се ограничени само со вашата фантазија. Јас сум возрасна и мојата фантазија не е премногу развиена, но мојот дом се „напојува“ со помош на микро бит. Растенијата во мојот дом се наводнуваат со ваков уред, тој ја проверува внатрената температура и сл. Но, децата смислуваат неверојатни концепти, прават роботи за во училишните медицински кабинети и многу други работи. Ништо не ве ограничува. Тоа е микро контролер кој можевме да го дадеме на возрасни за да прават индустриски сериски производи. Но не го сторивме тоа. Одлучивме да им го дадеме на децата за да научат да кодираат.

Освен во Македонија оваа програма се спроведува и во другите земји од Западен Балкан, а веќе се спроведуваше и во други земји низ светот. Која е потребата од совладување на вештините на кодирањето уште од основното образование. Значи ли тоа дека во овие земји децата ги совладуваат тие вештини многу подоцна или воопшто не ги совладуваат во текот на животот?
Капур: Ова е комплицирано прашање. Генерално во светот постојат многу луѓе кои не ги совладале вештините на 21 век. Околу 60-70% од децата кои денес одат во училиште треба да развијат вештини за професии кои се уште не постојат, што е неверојатно. Замислете како им е на наставниците кои самите немале компјутери, денес треба да им предаваат на децата како да работат на нив и да се подготват заз работни места кои се уште не ги знаеме и кои не се измислени. И тоа не е состојба само во земјите од Западен Балкан, туку во целиот свет. Ние како заедница во светот имаме обврска на децата да им обезбедиме најдобра можна иднина. Тоа, според мене, значи оспособување за основните вештини како што се читање и пишување, но исто така и оспособување за оперирање со технологијата преку кодирање, концепти, креативност и создавање нои работи.
Какво е вашето досегашно искуство од спроведувањето на вакви програми во други земји низ светот?
Капур: Ние моментално сме активни во 80 земји во светот, што значи дека луѓето во 80 различни земји се активни и кодираат со помош на микро бит. Преку Британскиот совет работиме во 40 земји каде што сме присутни преку ралични активности, како што с еотворање на клубови а кодирање во Шпанија до комплетни образовни програми во земји како што се Литванија и Хрватска. И тоа е навистина неверојатно. Мој предизвик е кога работиме заедно со владите на земјите за да се осигураме дека училиштата ќе бидат технички опремени за програмите што ќе се спроведуваат во следните пет, 10, 20 години. Друг предизвик ми е запознавањето млади луѓе кои имаат навистина креативни идеи иако претходно мислеле дека технологијата не е за нив, а сега окриваат комплетно нов свет и можности.
Вие сте програмер и дизајнер на софтвер, така што вашето познавање на технологјата Ви овозможи да работите на многу значајни настани низ светот, вклучувајќи ги и Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Какво е чувството да се работи на такви настани и која е најважната лекција што ја научивте од тоа искуство?

Капур: Во право сте, навистина можам да кажам дека имав импресивна кариера. Научив да програмирам кога имав осум години. Пред Би-Би-Си да го направи микро бит, тие имаа направено уред кој се викаше Би-Би-Си микро кој беше десктоп компјутер. Татко ми ме научи да програмирам на него уште кога бев многу млада и тоа навистина ми го смени животот. Во Велика Британија се стекнав со првата диплома за интернет технологии, а во оваа земја се стекнав и со мастер диплома. Она што го дознав е дека навистина е возбудливо кога ќе најдете ваков проект што ќе го смени светот и сакате постојано да работите на него. Патувам секаде низ светот среќавајќи најразлични луѓе, особено деца кои ја развиваат својата креативност. Постојат многу начини да направите промени во светот, без оглед на тоа дали е преку спорт или преку некој ваков проект. Важно е што добивате шанса да го промените светот на подобро. Ова е неверојатна професија. Но, јас немаше да се занимавам со неа доколку не се стекнев со тие вештини уште од рана возраст.
Вие сте успешна жена во професија која генерално се смета за „машка“ во земјите од Западен Балкан. Кој е вашиот совет за девојчињата и жените кои сакаат да се занимаваат со оваа професија?
Капур: Ова прашање е комплицирано и за Велика Британија. Во мојата група на факултет бевме само 10 жени наспроти 80 мажи, така што може да забележите дека работите на овој план не се менуваат многу брзо. Мојот совет за жените е – направете го тоа. Ако ја сакате оваа професија, ја сакате технологијата, науката, па дури и ако сакате да бидете поп-ѕвезда, сепак ќе ви требаат овие основни вештини во технологијата. Затоа зграпчете ги додека можете, совладајте ги и научете ги. Она што сакам да им порачам на сите, вклучувајќи ги и младите момчиња, е дека сите мораме да работиме заедно. Ако немаме во исто време и момчиња и девојчиња во индустријата, добиваме само работи кои се направени само за една група луѓе, но не и за другата. Мораме да работиме заедно за да ги добиеме работите што ги сакаме сите, а не што ги сака само една група луѓе.
А.Т.
