Околу 100 македонски државјани се во Авганистан: Во МНР се јавуваат роднини
Околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи. Велат дека добиле информации од компаниите кои ги ангажираат работниците дека не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе биле префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не бил спорен.
„Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во МНР пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан, за нашите активности, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување. Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија, стои во соопштението.
Се додава дека формирана е и посебна работна група во Министерството и дека остануваат во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул.
Слично
