ОЈО за 27 април: Постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања
Основното јавно обвинителство Скопје по разгледување на доказниот материјал за случувањата во Собранието на 27 април, утврдило дека постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина.
Oттаму велат дека станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата, ниту пак, на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители.
„Основното јавно обвинителство Скопје од досега прибавениот доказен материјал оцени дека во кривично правниот настан кој го истражуваше, потребно е во оваа фаза, согласно законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот се во месна и стварна надлежност на ова обвинителство“- стои во соопштението.
Поради тоа, списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.
