ОЈО: Предложена е замена на мерката притвор со куќен притвор и одземање на пасошот на Груби
Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука.
„На барање на второосомничениот преку неговата одбрана истиот во текот на денешниот ден беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана. По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, велат од ОЈО.
По речиси шестчасовен распит, поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Артан Груби вечерва од Основното јавно обвинителство Скопје е спроведен во Основниот кривичен Скопје. Toj не одговори на прашањата на новинарите зошто се вратил и дали се чувствува виновен.
Груби утрово се појави на косовско-македонската граница на граничнот премин Блаце, по што полицијата го уапси.
Груби е осомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од земјава и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати.