OJO: Отворена е предистрага поради сомненија за загадување со отпадни материи по пожарот во Визбегово
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје(ОЈО) издаде повеќе наредби за испитување на последиците од пожарот што се случи на 9 јули во отпад во Визбегово, а во предистражната постапка се вклучени стручни лица од повеќе области. Се испитуваат сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи, велат од ОЈО.
„Локацијата е обезбедена, а на терен се инспектори од одделот за економски криминал на МВР. Обезбедени се снимки од видео надзор кој се прегледува и се анализира. Увид извршија и инспекциски служби за животна средина, а во постапката се ангажираат и вешти лица од областа на екологијата. По барање на јавниот обвинител, веднаш по настанот беше активиран и тим од четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на АРМ кој собра примероци и изврши мерења на токсичните материи во воздухот во Скопје, а резултатите треба да бидат доставени до обвинителството. Исто така прибавена е и целокупната документација поврзана со работата на отпадот и дадени се насоки за да се извршат разговори со лица за да се утврди каков точно отпад бил складиран на локацијата и дали се почитувани законските прописи и дозволи за работа“, велат од ОЈО.
Двете лица кои по пожарот нападнаа новинарска екипа и натаму се во притвор во постапка и за кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие. Голем облак од црн чад се прошири во Скопје од пожарот.
