ОЈО ЈА „ЧЕШЛА“ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА НА КОМПАНИЈАТА - вклучена Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата
Во врска со пожарот во магацински објекти во селото Трубарево, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за утврдување важни факти и обезбедување докази за понатамошна постапка.
- Јавниот обвинител вчера упати барање за поддршка до Началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот.
Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. ОЈО Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина - се посочува во соопштението на Обвинителство..
Од обвинителство посочуваат дека Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот.
- Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето.
До овој момент во опожарениот објект нема услови да се врши увид на лице место, а припадниците на МВР и натаму се задолжени да ограничуваат пристап на сите неовластени лица и на лица кои немаат соодветна заштита - посочуваат од ОЈО.
