ОЈО ГОКК БАРА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА РИСТОВ - судијата бил сослушан денеска, најверојатно ќе остане и без пасош
Основното јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара куќен притвор и одземање на пасошот на судијата од Апелациониот суд, Ѓоко Ристов.
- Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар.
Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост - привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање - се посочува во објавата на ЈО ГОКК.
Инаку судијата од Апелационен суд Скопје, Ѓоко Ристов, изминативе денови не беше познато каде е, а потрагата започна откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350.000 евра. Претходно, три дена медимите не можеа да добијат никаква информација за тоа каде се наоѓа осомничениот и дали воопшто е во земјата.
Судијата Ѓоко Ристов, кој е опфатен во истрагата околу митото кое го примил адвокатот и пранешен државен правобранител Фехми Стафа, од средата не одел на работа во Апелациониот суд во Скопје.
