ОЈО БАРА ПРИТВОР ЗА СКОПЈAНЕЦ КОЈ НАПАДНА 12 ГОДИШНО ДЕТЕ - го пресретнал на булевар и без причина го удирал со тупаници и клоци по лице и тело
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против повозрасен граѓанин за кривично дело – Насилство врз дете од член 201а од Кривичниот законик.
Осомничениот е 53-годишник кој на 11 ноември нападна 12-годишно дете кое од повредите заврши во болница.
- Додека детето се движело со велосипед по булеварот “Крсте Мисирков”, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без повод и причина агресивно го нападнал со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата.
Детето успеало да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи. Осомничениот го зел велосипедот од оштетеното дете, му ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале. Потоа со моторот го напуштил местото на настанот, додека пак оштетеното дете било пренесено во Ургентниот центар - појаснуваат од ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.
За настанот пред неколку дена информираше МВР, од каде соопштија дека 12-годишно дете било нападнато и избодено со остар предмет во скопски Центар, по што било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.Според информациите од МВР, инцидентот го пријавил Г.М. (39) од Скопје кој посочил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од лице со иницијали Б.Љ. Напаѓачот, според пријавата, по вербална расправија му нанел расекотина со остар предмет и му го оштетил велосипедот.
