ОЈО бара притвор за Камерунците со „милион евра“
Јавниот обвинител од кривичниот суд Скопје побара мерка притвор за двајцата Камерунци кои беа фатени со безмалку милион евра фалсификувани пари на скопскиот аеродром. За нив постои опасност дека можеда се дадат во бегство или да го повторат делото.
ОЈО покрена истражна постапка против двајцата Африканци кои се сомничат за правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување. Осомничените по потекло од Камерун, од кои едниот жител на Франција, а другиот на Луксембург, на 4 октомври пристигнале на граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје без да поседуваат валидна документација за влез во земјава и финансиски средства потребни за престој.
При проверка, во нивниот багаж било пронајдено поголемо количество предмети за правење лажни пари. Така, првиот осомничен во багажот имал 3.744 парчиња црна хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра. Кај вториот осомничен, пак, биле пронајдени 5.632 парчиња бела хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра, како и 78 парчиња хартија без ознака.
Вкупниот износ на фалсификуваните евро банкноти во рана фаза за изработка изнесувал 902.150 евра. Кај осомничените биле пронајдени и две шишиња со течност, едното со жолтеникава, а другото со темно-црвена боја, кои се користат за диференцирање на обичната хартија од онаа на која се печатат банкноти, како и една УВ-ламба.
